Клековски во Белград: Соработка со српските клиники за подобра специјализирана здравствена заштита
Министерот за здравство Сашо Клековски во Белград разговараше со српскиот министер за здравство Златибор Лончар за лекувањето на повредените во трагедијата во Кочани и за продлабочување на соработката меѓу здравствените установи. Во фокусот беа упатувањето пациенти со сложени состојби, заедничките стручни консултации и обуките за зајакнување на капацитетите на домашните клиники.

Зајакнување на соработката со референтните здравствени институции во Србија и унапредување на капацитетите на домашните клиники биле во фокусот на работната посета на министерот за здравство Сашо Клековски на Белград.
Клековски остварил средба со српскиот министер за здравство Златибор Лончар, на која се разговарало и за натамошното лекување на повредените во трагедијата во Кочани во српските здравствени установи. Клековски се заблагодарил за помошта што Србија ја пружила уште во првите часови по трагедијата.
Двајцата министри разговарале за можностите за упатување пациенти со сложени здравствени состојби на високоспецијализирано лекување, заеднички стручни консултации и второ мислење, како и за партнерства меѓу референтните центри во Србија и клиниките во Македонија. Предвидени се можности за практична обука, стручни престои и менторство на домашните клинички тимови.
На средбата станало збор и за дигитализацијата и поврзувањето на здравствените информациски системи, со интеграција на податоците од јавниот и приватниот сектор. Србија го користи и системот „Мој термин“, развиен во Македонија.
Во рамки на посетата, Клековски го посетил и Универзитетскиот клинички центар на Србија, каде што се сретнал со в.д. директорката Јелена Друловиќ. Разговарале за соработката со универзитетските клиники во Скопје, упатувањето пациенти со сложени состојби и заедничките стручни консултации.
Министерот ја посетил и Клиниката за неврологија, со фокус на третманот на пациентите со мозочен удар, како и Центарот за мултипла склероза.
„Целта не е нашите пациенти да патуваат подалеку, туку знаењето да дојде поблиску. Тоа што денес за сложените случаи го бараме надвор, со заеднички тимови, обуки и менторство утре треба да го имаме дома“, изјави Клековски.
За време на посетата, министерот беше придружуван од амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски.
