Македонија

Ива Михаилова избега во Бугарија и покрај судската забрана и одземените пасоши

12.10.2026 17:01

Случајот со Ива Михаилова, која се наоѓа во Бугарија и покрај судските мерки во Македонија, предизвика реакции во двете земји. Додека македонските институции посочуваат дека нема евидентиран нејзин излез од државата и дека ѝ биле одземени патните исправи, Михаилова тврди дека легално ја минала границата со нејзиниот адвокат. Бугарската претседателка најави средба со неа.

Ива Михаилова на која ѝ се суди за сообраќајна незгода со смртни последици, која има двојно државјанство, македонско и бугарско, ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија и покрај судската забрана таа да ја напушти државата.

Македонското МВР со соопштение посочува дека по извршените проверки во системот за гранична контрола, утврдено е дека Ива Михаилова нема евидентиран излез од територијата на Македонија.

„Преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, соопштуваат од МВР.

Јавното обвинителство на Македонија потврдува дека на Михаилова пред една година ѝ се одземени двете патни исправи.

„На обвинетата, по предлог на јавен обвинител уште од 09.10 2025 година ѝ беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), ѝ беше изречена забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице“, велат од Обвинителството.

Ива Михаилова за бугарските медиуми тврди дека легално ја минала границата меѓу Македонија и Бугарија. Веќе предизвика медиумско внимание во Софија каде посочи дека не знае дали и кога ќе се врати во земјава и покрај судскиот процес кој се води против неа, а тврди и дека била репресирана во земјава.

„Сосема легално, преку граница. Вчера се вративме со мојот адвокат“, рече Ива Михаилова.

„Нашиот пат не е многу дипломатски, но во случајов така требаше да се постапи“, изјави нејзиниот адвокат Николај Димитров.

И додека адвокат на Михаилова во Македонија, Насер Рауфи, како што вели е затекнат, во време кога од Бугарија требало да пристигнат лекари за нејзин преглед, министерката за надворешни работи Велислава Петрова потврдува дека бугарското МНР нема никаква врска со преминувањето на Михаилова од Македонија во Бугарија, но коментира дека хуманитарен случај, според неа, довел до очајни дејствија. Претседателката Јотова, пак, најави средба со Ива Михаилова која ќе се лекува во една од софиските болници.

Миле А. Ристески