Енергетското примирје меѓу Русија и Украина под прашање
Киев прифаќа прекин на огнот, Москва тврди дека е во контакт со претседателот на САД. Во исто време, Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Зеленски за 60-дневно запирање на борбите со цел Украина да одржи избори. Министрите за надворешни на ЕУ во Луксембург одобрија нови санкции за 1.600 физички и правни лица поради активности поврзани со руската агресија во Украина.

Украина е „подготвена за енергетско примирје“, но ја обвини Русија дека ја нападнала енергетската инфраструктура во Харков само неколку часа по најавата за предложениот прекин на огнот.
„Подготвени сме за енергетско примирје. Подготвени сме за каков било заеднички формат, за се што не е еднострано. Вчера имаше најави, но само неколку часа подоцна Русија ја нападна нашата енергетска инфраструктура – електрана и топлана во Харков, а подоцна во текот на ноќта и гасна инфраструктура во областа Харков и електрична трафостаница во областа Житомир. Никој не треба да им верува на зборовите на Путин, наместо тоа, гледајте ги неговите постапки“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Во исто време, Кремљ вели дека за енергетското примирје со во контакт со претседателот Трамп и го отфрлија предлогот на украинскиот претседател Зеленски за 60-дневен прекин на огнот со цел Украина да одржи избори.
„Она што ни е потребно не е примирје, туку траен мир за многу идни генерации. Претседателот веќе зборуваше за ова, но можам со целосна одговорност, во негово име, да изјавам дека доколку Киев навистина сака да одржи избори, претседателот на Руската Федерација ќе биде подготвен да издаде наредба да не се напаѓа Украина на денот на изборите“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на состанокот во Луксембург одобрија додавање на речиси 1.600 нови имиња на листата на санкционирани поради активности поврзани со руската агресија врз Украина.
„Нашата стратегија е многу едноставна, поддршка за Украина – преку заем од 90 милијарди евра и исплата од над 5 милијарди евра изминатата недела, како и поддршка во енергетскиот и воениот сектор. Потоа, притисок врз Русија – што е вториот аспект на нашата стратегија, при што денес ја демонстрираме нашата решителност преку воведување 1.600 нови мерки и санкции против поединци и субјекти вклучени во рускиот индустриско-воен комплекс. Третиот аспект е подготовка за мир, поддршка за ефективен прекин на огнот, како и континуирана работа на Коалицијата на подготвени за безбедносните гаранции што ќе бидат неопходни за мирот да биде траен“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
Европските лидери изразија загриженост по минатонеделната одлука на американскиот претседател Трамп, за купување на руски дизел.
Маријана Димовска
