Диви депонии
Пожарот во дивата депонија во Арачиново и долгогодишните проблеми со отпадот во Куманово и Струмица ги засилуваат барањата за системско решение.

Три дена по пожарот на дивата депонија во Арачиново чадот е сè уште присутен. Активистите реагираат и бараат одговор од надлежните институции, до кога ќе се загрозува животната средина?
Непријатна миризба во воздухот, чад и печење на очите. Вака изгледа секојдневието кога во близина има дива депонија од која сè уште се шири чад. Жителите во Арачиново реагираат, загрижени се за сопственото здравје, а не знаат каде да се обратат.
Потребни се конкретни мерки за да се спречат нови пожари и конечно да се стави крај на проблемот, алармираат еколошките активисти. Велат, од надлежните немаат повратни информации. Според нив треба да бидат вклучени многу институции. Потребно е Државниот инспекторат да прави надзор и секако да се изготви национален план за справување со овие депонии. Во земјава има околу 60 поголеми депонии кои треба итно да се санираат.
Реакции и од политичките партии. Надлежните институции повторно покажуваат дека се неспособни да обезбедат основни услови за живот, велат од Левица.
„Секоја институција ја префрла одговорноста на друга, а ниту една не го решава проблемот. Тие се договараат чија е надлежноста, а ние во меѓувреме дишеме отров“, соопштуваат од Левица.
Од ДОМ пак, за пожарите во депониите со став:
„Пожарите на нестандардната депонија -Краста во Куманово која гори веќе шест месеци и на депонијата во Струмица, се аларм дека управувањето со комуналниот отпад во Македонија бара итни и суштински промени“, велат од ДОМ.
Во меѓувреме, жителите на селата Студена бара и Пчиња утринава ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“, откако пожарот беше изгаснат, а сметот затрупан со земја. Блокадата на депонијата „Краста“ траеше шест дена. Два дена ѓубрето се носеше на скопската депонија „Дрисла“.
Од Државниот инспекторат за животна средина велат, превентивата е на општините, чуварските служби, култивацијата со земја.
„Согласно со член 139 од постојниот Закон за управување со отпад до формирање на регионалните центри за одржливо управување со отпад, за овие нестандардни локации се надлежни и за одржување и за вршење инспекциски надзор општините, преку градоначалникот, органите на општините и директорот и ЈКП. Постојат и ѓубришта на јавни површини за кои се надлежни општинските комунални инспектори и редари согласно законот за јавна чистота“, информираат од Државен инспекторат за животна средина.
При опожарување на нестандардни локации досега не се вршени мерења од Државниот инспекторат, освен во случајот со Дрисла која има А-интегрирана еколошка дозвола и врши мерење кога двапати месечно согорува отпад во горилникот и врши мониторинг на квалитет на амбиентниот воздух, додаваат од инспекторатот.
Ана Јосифоска
