Инфраструктура

Почна изградбата на автопатот Букојчани – Кичево, делницата треба да биде готова за четири години

12.10.2026 17:28

Удрен камен-темелник на делницата Букојчани – Кичево, долга 11,5 километри, дел од Коридорот 8. Автопатот, кој ќе се гради со финансиска поддршка од ЕБОР и Европската Унија, треба да биде пуштен во употреба за четири години. Проектот предвидува две клучки, а со новата делница се очекува да се олесни и сообраќајот во Кичево.

Почна изградбата на последниот автопат кој треба да го поврзе Скопје со Охрид. Удрен камен темелник на делницата Кичево – Букојчани долга 11,5 километри, која треба да биде пуштена во употреба за четири години. До најголемиот туристички центар во земјава ќе се патува за час и половина, а по овој пат ќе се вози по две сообраќајни ленти во двата правци. Првите луѓе на патишта и транспорт тврдат дека ова ќе биде една од најкомплексните изведби на Коридорот 8.

Проектот се финансира со помош на ЕБОР и Европската Унија, ќе се гради во две фази, од Строгомиште до Црвивци и од Црвивци до Кичево. За амбасадорот Рокас ова е доказ дека Европската Унија е цврсто посветена на регионалниот развој и економската соработка.

Во рамки на проектот ќе се градат и две клучки од која една кај Кичево, која ќе треба да го олесни сообраќајниот хаос во градот. По новиот автопат ќе нема наплатни рампи, а ќе се вози од 110 до 130 километри на час.

Викторија Милевска