Амандманска расправа за измените на Законот за животна средина, екологистите предупредуваат на ризици
Измените на Законот за животна средина денеска пред собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација и животна средина, каде ќе се расправа за поднесените амандмани. Еколошките здруженија предупредуваат дека предложените решенија може да ја ослабнат заштитата од индустриското загадување, да ја загрозат транспарентноста и да имаат последици врз здравјето на граѓаните и животната средина.

На собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација и животна средина денеска ќе се одржи амандманска расправа за измените на Законот за животна средина.
Поднесени се околу 10 амандмани, а почетокот на седницата е закажан за 12 часот.
Измените што се предлагаат наидоа на жестока реакција пред сè од еколошките здруженија според кои измените ќе имаат девастирачки последици врз животната средина, здравјето на луѓето и целиот жив свет во земјава.
Под превезот на „поедноставување“, Министерството за животна средина и Владата предлагаат бришење на клучните механизми за идентификација, управување и санација на контаминираните подрачја, со што фундаментално ја ослабуваат заштитата од индустриското и рударското токсично наследство. Истовремено, дозволуваат реконструкции на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени подрачја – забрана која постоеше со години! Укинуваат задолжително снимање на јавните расправи, ги ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност ги заменуваат со комисија избрана од министерот, предупредуваат екологистите.
