Бордот на директори на ЕБОР во посета на Северна Македонија
Претставници на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој од денеска до 16 октомври ќе престојуваат во земјава. Предвидени се средби со премиерот Христијан Мицкоски, владини претставници, Народната банка, бизнис-заедницата и меѓународните партнери. Делегацијата ќе ги посети и компаниите „Варус“ и „Макпрогрес“, клиенти на ЕБОР, за да се запознае со нивните развојни планови и соработката со Банката.

Претставници од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ќе ја посетата Северна Македонија од 12 до 16 октомври 2026 година.
Посетата е дел од редовната серија консултации на претставниците на акционерите на конституентите во Банката, и ќе овозможи средби со високи владини претставници, претставници од деловната заедница, банкарскиот сектор, меѓународните партнери и организациите од цивилниот сектор. Директорите ќе ги посетат и компаниите од приватниот сектор, кои се поддржани од ЕБОР. Делегацијата ќе биде придружувана од Дивја Чавла Јиндал, Главен Банкар во одделот на Бордот и институционални работи, како и Гжегож Зиелински, Извршен директор за југо-источна Европа, ЕБОР и Олег Левитин, директор на политичкиот оддел во ЕБОР.
За време на посетата, претставниците на ЕБОР ќе се сретнат со премиерот Христијан Мицкоски и заменик премиерот и Министер за транспорт Александар Николовски. Состаноците се планирани и со претставници на министерствата одговорни за енергетика, екологија, финансии и надворешни работи, како и градоначалникот на Скопје и претставници на Народната банка на Република Северна Македонија.
Програмата ќе опфати разговори со организации од цивилното општество, во врска со владеењето, транспарентноста, конкурентноста, пристапувањето до Европската Унија, зелената транзиција, родова еднаквост и економска инклузија, директорите ќе разменат и мислења за локалните компании, претпријатијата, комерцијалните банки, дипломатските претставништва и меѓународните развојни партнери.
Делегацијата ќе ги посети Варус и Макпрогрес, кои се клиенти на ЕБОР, и ќе оствари средба со менаџментот на компаниите за да се запознае со работењето на компаниите, нивните развојни планови и искуствата на соработката со ЕБОР. Посетата на Макпрогрес ќе го опфати и разгледување на центарот за истражување и развој, како и новите капацитети за производство на вафли.
ЕБОР има инвестирано во Северна Македонија скоро ЕУР 3,2 милијарди, во 219 проекти. Моменталните приоритети се насочени кон зајакнување на интеграцијата и поврзаноста, забрзување на транзицијата кон зелена и одржлива иднина, и поддршка на поконкурентни, инклузивни и добро-управувани економии.
