Македонија

МВР и Обвинителството проверуваат како Михаилова заминала во Бугарија

13.10.2026 11:04

Случајот со бегството на Ива Михаилова во Бугарија, предизвика бура од реакции, притоа отвори и многу прашања и дилеми, како може да се премине границата со Бугарија само со лична карта. Македонското МНР побара и Европската комисија и Брисел да го разгледаат случајот.

МВР и Јавното обвинителство проверуваат што точно се случило и како Ива Михаилова од Кочани, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, успеала да ја премине македонската граница и да влезе во Бугарија. Таа била на стоп-листата на МВР, но во системот нема регистриран нејзин излез од државата. Во тек се проверки за да се утврди што точно се случило и како успеала да избега од државава. Уште пред една година, со судска одлука и е одземен пасошот, како мерка за обезбедување.

Од македонското МНР и од правда велат дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури. Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот, се наведува во реакциите.

За случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности, наведуваат од МНР. Михајлова, која е сместена во болницата во Пирогов, на одделот за неврохирургија, пред бугарските медиуми тврдеше дека границата ја преминала легално, со македонска и со бугарска лична карта. Нејзиниот адвокат Димитров не откри преку кој граничен премин поминале, но изјави дека тоа било легално и со знаење на граничните службеници.

За случајот со Ива Михаилова, во земјава и партиски реакции. Опозициската СДСМ побара оставка и одговорност од министерот за внатрешни Тошковски. Засега не се знае колку долго Михаилова ќе остане во Бугарија, ниту дали ќе се врати во Македонија за да присуствува на судењето, закажано за 9-ти ноември.

Милчо Велески