Филхармонија

Скопскиот брас фестивал вечерва ја заокружува програмата со „ОкТУБАфест во Филхармонија“

13.10.2026 11:17

Скопскиот брас фестивал вечерва ја заокружува овогодишната програма со „ОкТУБАфест во Филхармонија“. Настанот почнува во 18 часот во Филхармонија Бар, со германска гастрономија, а од 20 часот следува рецитал на германското дуо Компањи, со гостување на македонски тубисти. Завршницата носи и традиционални германски полки во изведба на домашни брас музичари.

Скопскиот брас фестивал вечерва ја завршува овогодишната програма со настанот „ОкТУБАфест во Филхармонија“, кој се одржува во Филхармонија Бар, со почеток во 18 часот. Завршната вечер носи спој на германска гастрономија, класичен рецитал на германското дуо Компањи и настап на домашни музичари. Публиката ќе слушне дела од латиноамерикански и балкански автори, како и традиционални германски полки.

Програмата започнува во 18 часот во Филхармонија Бар, каде што посетителите ќе можат да пробаат германски пива и храна. Музичкиот дел продолжува во 20 часот со рециталот на германското дуо Компањи, кое го сочинуваат тубистот Зигфрид Јунг и пијанистката Сузане Ендрес. Дуото настапува низ Европа, а за скопската публика подготви репертоар со дела од латиноамерикански и балкански автори.

Јунг ги завршил студиите по туба кај Валтер Хилгерс, поранешен музичар на Берлинската филхармонија. По дипломирањето станал постојан тубист во оркестарот на Националниот театар во Манхајм, а од 2018 година настапува и во оркестарот на фестивалот во Бајројт, основан од Рихард Вагнер. Зад себе има три солистички албуми во дует со харфа и пијано, како и настапи со Софиската филхармонија, Филхармонијата „Џорџе Енеску“ од Букурешт, Банатската филхармонија и Капелата на Санкт Петербург.

Како гости на концертот ќе настапат и тројца македонски тубисти – Мицко Дамњановски, Ник Де Карло и Александар Ниниќ. Влезниците за рециталот се достапни преку продажната мрежа на mktickets.com по цена од 200 денари.

Вечерната програма продолжува во Филхармонија Бар, каде што дувачки состав од македонски брас музичари, под уметничко водство на Зигфрид Јунг, ќе изведе традиционални германски полки. Влезот за овој дел од вечерта е слободен.

 

 

 

Фото:/  Filharmonija Cafe Bar