Во Кривичен суд продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници
На судењето против 13 полициски службеници обвинети во случајот „Пулс“, сведок од кочанската противпожарна единица изјави дека на местото на пожарот пристигнале за помалку од пет минути.

Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници од Кочани и Штип, обвинети во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“. На денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци на одбраната, меѓу кои и вработен во Територијалната противпожарна единица во Кочани.
Сведокот посочи дека бил на дежурство кога во 2:35 часот пристигнала пријавата за пожарот. Поради слабиот сообраќај, противпожарната екипа стигнала до објектот за помалку од пет минути.
Во сведочењето тој наведе дека полициските службеници веќе го обезбедиле пристапот до дискотеката, ја расчистиле улицата и ослободиле простор на паркингот, со што овозможиле противпожарното возило да се постави и да интервенира.
Според обвинението, полициските службеници кои биле присутни критичната вечер не постапиле согласно акциските протоколи и не го спречиле користењето пиротехнички средства. Судскиот процес продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.
