Енергетика

Грејната сезона почна два дена порано

13.10.2026 18:52

Грејната сезона во Скопје започна два дена порано поради студеното време. Радијаторите се загреаа, но не во сите домови. Од ЕСМ снабдување уверуваат дека системот функционира, ако има дефекти потрошувачите сами да пријавуваат. Испораката на топлинска енергија ќе се приспособува на временските услови...

Скопјани се разбудија со топли радијатори. Иако официјално требаше да почне на 15 октомври, грејната сезона почна два дена порано поради ниската температура. Испораката на топлинска енергија стаса до речиси сите потрошувачи на системот за централно греење во Скопје. Но кај некои парно немало, од други причини.

Од АД ЕСМ велат дека поради пад на температурата исполнети се условите за вклучување на системот. Од компанијата апелираат, граѓаните уште еднаш да ги проверат радијаторите и инсталациите дома и ако забележат протекување или дефекти, веднаш да ги пријават.

„До 15 октомври, на веб-страницата на ’ЕСМ снабдување‘ секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден“, информираа од АД ЕСМ.

Кога расте температурата надвор, испораката се прекинува. Штом воздухот повторно ќе се олади, греењето се вклучува, додаваат од АД ЕСМ.

Во текот на октомври и првата половина на ноември, радијаторите нема да греат со ист интензитет цел ден. Системот автоматски ја прилагодува испораката на топлинска енергија според временските прилики.

Инаку од 1 август поскапе парното греење. Регулаторната комисија за енергетика, донесе одлука со која цената на топлинска енергија порасна за 5,96%.

 

Борис Грујоски