РКЕ

Бензините и дизелот со исти цени, поскапува само мазутот

13.10.2026 14:09

Нема промени во максималните малопродажни цени на бензините, дизелот и екстра лесното масло од 14 октомври. Регулаторната комисија за енергетика одлучи ЕУРОСУПЕР БС-95 да остане 98,50 денари, БС-98 да се продава за 100,50, а дизелот за 97 денари за литар. Поскапува само мазутот...

Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 14 октомври од 00:01 часот. И покрај просечното зголемување од 0,87 проценти, цените на бензините, дизелот и екстра лесното масло остануваат непроменети.

ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по најмногу 98,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 100,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС за 97 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство останува 108,50 денари за литар.

Промена има кај мазутот М-1 НС, чија цена се зголемува за 2,145 денари за килограм и ќе изнесува 51,742 денари.

Од РКЕ информираат дека референтните цени на светските пазари се намалиле кај бензините, дизелот и екстра лесното масло, додека кај мазутот е регистриран раст. На пресметката влијаело и зголемувањето на курсот на денарот во однос на доларот за 1,2931 процент.

При утврдувањето на цените се применети владините мерки за намален ДДВ од 10 проценти за дизелот и намалена акциза од четири денари за литар кај бензините и дизелот. Од Комисијата појаснуваат дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и поевтино.