Енергетика

Божиновска поканета во Управувачкиот комитет на нова европска мрежа за климатски прашања

13.10.2026 16:11

Божиновска, е поканета да стане членка на Управувачкиот комитет на Мрежата на жени лидери во јавниот сектор за климатски прашања. На 14 октомври 2026 година во Брисел таа ќе учествува на основачкиот собир и првиот лидерски дијалог на новата европска платформа.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, е поканета да стане членка на Управувачкиот комитет на Мрежата на жени лидери во јавниот сектор за климатски прашања. На 14 октомври 2026 година во Брисел таа ќе учествува на основачкиот собир и првиот лидерски дијалог на новата европска платформа.

Поканата ја упати претседателката и основачка на организацијата „Жени политички лидери“ (Women Political Leaders – WPL), Силвана Кох-Мерин. Во неа се истакнува работата на Божиновска за унапредување на енергетската транзиција, зајакнување на енергетската сигурност и диверзификација, развој на обновливите извори и регионална енергетска соработка. Организаторот го посочува и нејзиното искуство во јавните политики и на меѓународните енергетски пазари како значаен придонес за идната работа на комитетот.

Управувачкиот комитет ќе ја определува стратешката насока на мрежата, ќе учествува во утврдувањето на нејзините приоритети и годишната агенда и ќе придонесува во дијалозите на високо ниво. Поканата за ова тело отвора можност македонските искуства и приоритети да бидат вклучени уште при обликувањето на новата иницијатива.

Мрежата е основана од WPL, под покровителство на принцезата Мари-Есмералда од Белгија, и е развиена во партнерство со Мрежата на жени лидери за климата на Групацијата на Европската инвестициска банка.

Партнерството ги поврзува носителите на јавни одлуки со експертизата, финансиските инструменти и инвестицискиот капацитет на приватниот сектор, со цел побрза реализација на климатските и инфраструктурните приоритети.

На собирот е потврдено учеството на принцезата Мари-Есмералда, европската комесарка за животна средина, отпорност на водните ресурси и конкурентна циркуларна економија, Џесика Росвал, и министерката за туризам на Грција, Олга Кефалогијани, која е една од основачките ко-раководителки на Управувачкиот комитет.

Разговорите ќе бидат посветени на чистата електрична енергија, отпорноста на инфраструктурата и соработката меѓу јавниот и приватниот сектор. Ќе се разгледува и улогата на дигиталните технологии и одговорната примена на вештачката интелигенција во поддршката на климатската транзиција. Целта е размената на искуства да придонесе за практични препораки, подобри политики и мобилизирање инвестиции.

Според концептот на иницијативата, основачката група е предвидено да опфати околу 20 до 30 жени на високи политички и јавни функции, со фокус на Европската Унија и со пошироко европско учество. За Македонија, вклучувањето во оваа соработка отвора простор за партнерства во енергетиката и за непосредна размена со европските носители на одлуки за посигурен, поотпорен и поодржлив енергетски систем.