Случај „Михаилова“

Ива Михаилова во Бугарија, одреден ѝ е притвор во Македонија

13.10.2026 17:02

Обвинителството побара притвор, а МВР распиша потерница за избеганата Ива Михаилова, 24 часа откако се појави на бугарските телевизии.Таа веќе наводно се лекува во болницата „Пирогов“. Случајот со бегството, предизвика бура од реакции, притоа отвори и многу прашања и дилеми, како може да се премине границата со Бугарија само со лична карта. Бугарскиот амбасадор повикан во МНР.

Кочанскиот основен суд по службена должност и по барањето на обвинителството и определи 30-дневен притвор на Ива Михаилова. По донесување на одлуката, издаден и налог за потерница. Претседателот на судот Спиро Борисов за МТВ вели дека изутрина добиле известување дека Михаилова не била пронајдена на домашната адреса и не се јавила во полиција. МВР проверува што точно се случило и како 23-годишната девојка од Кочани, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, успеала да ја премине македонската граница и да влезе во Бугарија.

Во македонското МНР повикан бугарскиот амбасадор во земјава, Желјазко Радуков. Му било пренесено дека начинот на кој Ива Михаилова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, е провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи.

„Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции. На средбата беше посочено дека од република Бугарија, како членка на европската унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи-почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото“, стои во соопштението од МНР.

На средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна, соопштија од МНР. Европратеникот Ковачев за бугарската национална телевизија изјави дека за случајот лично ја информирал претседателката на европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Ја информирав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за ситуацијата и сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија, што е проблематично? Апсолутно ништо“, изјави Андреј Ковачев, европратеник од Бугарија.

За случајот со Ива Михаилова и партиски реакции. Опозициската СДСМ побара надлежните институции веднаш да поведат постапка за екстрадиција и одговорност од министерот за внатрешни, Тошковски.

СДСМ, преку Филипче и Заев, повторно одиграа за Бугарија и ја омаловажија Македонија, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, докторот што ја констатирал дијагнозата на Михаилова, сугерирал лекување во странство.

Ива Михаилова, која е сместена во болницата во Пирогов, пред бугарските медиуми тврдеше дека границата ја преминала легално, со македонска и со бугарска лична карта. Нејзиниот адвокат Димитров не откри преку кој граничен премин поминале, но изјави дека тоа било легално и со знаење на граничните службеници.

Милчо Велески