Презентирани програмите на кандидатите за шеф на ОЈО ГОКК
Петтемина пријавени кандидати за наследник на Ислам Абази на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги соочија визиите пред Советот на обвинителите. Ветија беспоштедна битка со корупцијата.Изборот треба да заврши на 28 овој месец.

Бескомпромисна борба против организираниот криминал и високата корупција – ова го најавија петтемина кандидати за нов шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Нивните програми ги претставија пред Советот на јавните обвинители. Фатон Азизи, актуелен обвинител во ОЈО ГООК се залага за зајакнување на истражниот центар и зголемена борба против перењето пари преку градежништво, криптовалути и други форми на пренос на средства.
Трајче Пеливанов, обвинител во Скопското вишо јавно обвинителство, истакна дека негов приоритет ќе биде независно, самостојно и транспарентно обвинителство, коешто ќе постапува навремено, одлучно, законито и професионално.
Лидија Раичевиќ, обвинителка од Скопското јавно обвинителство, истакна дека на Обвинителството за чиј раководител се кандидира, потребни му се стручност и поголема проактивност во откривањето кривични дела.
Искра Хаџи Василева, обвинителка од Обвинителството за организиран криминал и корупција, смета дека на истото му се потребни човечки и материјални ресурси и дигитализација.
Јован Цветановски, од Скопското вишо јавно обвинителство, смета дека е потребна поголема ефикасност во истрагите за висока корупција и перење пари.
Кој ќе седне во фотелјата на Ислам Абази ќе се знае на 28-ми октомври.
Марија Котовска
