Институтот за јавно здравје реагира: Идентитетот на луѓето со ХИВ не се открива

03.10.2014 16:14

Институтот за јавно здравје реагира на вчерашните тврдења на невладиниот сектор. Демантираат и дека ХИВ позитивни не добиле соодветна здравствена грижа...

Објавувањето на полот, возраста и местотот на живеење на ново заболените од ХИВ, не го открива нивниот идентитет. Институтот за јавно здравје реагира на вчерашните тврдења на невладиниот сектор. Демантираат и дека ХИВ позитивни не добиле соодветна здравствена грижа.

„Незнам дека некој е така третиран лошо како да бил болен од чума. Можеби меѓу некои здравствени работници сеуште владее некаква фама за заболувањето или отпор за тие лица. Меѓутоа и самиот сум бил свеок заедно со колегите од Инфективна клиника како сме им помагале на други клиники да го остварат своето право. Онаа стигма што беше од пред 15- 20 години не е сега“, вели прим. д-р Жарко Караџовски- епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Само еден процент од популацијата прави ХИВ тестови- објави вчера невладиниот сектор. Упатија апел до медиумите да се воздржат од сензационализам кога информираат за сидата.

„Во спротивно инфицираните лица и понатаму ќе бидат надвор од здравствената заштита, нема да пристапат до терапија, мал број на луѓе ќе се охрабруваат да го направат ХИВ тестот, а инфекцијата би се ширела неконтролирано“, рече Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот и Европа. За осум месеци бројката на заболени е 31, за разлика од лани кога за цела годнина имаше 27 случаи.

 

 

Андријана Атанасовска