Руско - украински конфликт

Загинати и повредени во руски масовен напад врз Киев и неколку други градови

14.10.2026 19:06

Русија изврши масовен комбиниран напад со балистички ракети и дронови врз Киев и неколку други украински градови. Има загинати и ранети. Погодена и клучната електрана во главниот град, голем број домаќинства останаа без струја. Зеленски го оцени нападот врз енергетската инфраструктура како намерен и демонстративен. Трамп негира дека САД ја прекинале разузнавачката соработка со Киев.

Русија изврши масовен комбиниран напад со балистички ракети и дронови врз Киев и неколку други украински градови. Има загинати и ранети. Погодена и клучната електрана во главниот град, голем број домаќинства останаа без струја.

„Тука нема ниту еден воен објект. Има училиште позади, градинка напред и продавница за храна – ова е целосно цивилно подрачје“, изјави Јевхен Дејнеко, жител на Киев.

„Ги турнав децата во ходник, јас останав на вратата. Ме погодија само летечки остатоци“, рече Андриј Паркхомчук, жител на Киев.

Зеленски го оцени нападот врз енергетската инфраструктура како намерен и демонстративен, обвинувајќи ја Русија за дрско непочитување на САД. Тој рече дека Украина не добила навремено предупредување од сојузниците за нападот врз Киев.

„Украинските сили ги забележале балистичките ракети само неколку секунди пред ударот. Навремените предупредувања од партнерите се исклучително важни, бидејќи помагаат да се спасат животи и да се запрат руските напади“, порача Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп негира дека САД ја прекинале разузнавачката соработка со Киев. Тврди дека двете страни го прекршиле енергетското примирје, но дека Вашингтон продолжува да работи со нив за завршување на војната.

„Им помагаме и споделуваме разузнавачки информации со Киев. Работиме со нив и со Русија за да ја завршиме војната. Тие се напаѓаат, но, сè ќе заврши. И двете страни сакаат крај на војната, но не знаат како да го постигнат“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во меѓувреме, украински дронови го погодија големиот руски дата-центар во Саратовската област. Нападната и фабрика, а и Романија крена авиони. Зеленски најави нови разговори со САД, додека ЕУ отвори два нови преговарачки кластери за пристапување на Украина. Британскиот премиер вети поддршка „цврста како карпа“ во пресрет на средбата со украинскиот лидер. Москва го обвини НАТО дека се подготвува за конфликт со Русија, предупредувајќи ја Алијансата да не „го преминува работ на бездната“.

Бојана Крстевски