Средба со бордот на директори од ЕБОР - Скопје заслужува големи проекти и резултати што ќе го менуваат животот на граѓаните
Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел продлабочување на соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на нашиот град.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел продлабочување на соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на нашиот град. На средбата се разговараше за неколку стратешки проекти кои Градот Скопје ги реализира со поддршка на ЕБОР, како проектот за воведување Брз автобуски превоз (БРТ) и проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Трубарево.
„Мојата определба е цврста. Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани. Посебен акцент ставивме на Брзиот автобуски превоз – БРТ. Веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за Линија 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот. Скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз. Помалку време во сообраќај, полесно пристигнување на работа и на училиште, помал метеж и почист воздух. Разговаравме и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, инвестиција од огромно значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на граѓаните. За овие придобивки работам и на нив останувам целосно посветен. Тоа е одговорност и кон генерациите на кои ќе им го оставиме овој град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја потврди и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје.
„Довербата што ја добив од граѓаните е мојата најголема обврска. Ќе продолжам да ги придвижувам проектите и истрајно да работам до нивна реализација. Нашиот успех мора да се чувствува во секојдневието на скопјани. За Скопје што оди напред. За град на кој повторно ќе бидеме горди. Заедно продолжуваме да работиме на проекти што ќе остават трајна вредност за Скопје и неговите граѓани“, истакна Ѓорѓиевски.
На средбата, градоначалникот Ѓорѓиевски упати искрена благодарност до делегацијата, раководството и тимот на ЕБОР за посетата, долгогодишната поддршка и конструктивната соработка.
