Случај „Михаилова“

Клековски: Бегството на Ива Михаилова е поради доаѓањето на бугарскиот конзорциум

14.10.2026 17:01

Нема здравствен случај, Ива Михаилова избега поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум во земјава кој требаше да ги провери наводите, вели министерот Клековски. Тој в понеделник ќе патува во Софија и ќе разговара со бугарската колешка. ДСЗИ со проверки на Клиниката за неврологија. Докторот Барбов вели – не знаев дека Михаилова е гонета за сообраќајка, лекувањето во Бугарија беше само опција.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши надзор за текот на лекувањето на Ива Михајлова, која на 11-ти септември нелегално ја напушти Македонија. Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, за МТВ потврди дека надзорот е спроведен на негово барање. Посочува дека на клиниката не бил одржан стручен колегиум за добивање конзилијарно мислење за лекување на пациентката во странство.

Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, смета дека Михајлова избегала поради најавеното доаѓање на бугарски конзилиум, кои заедно со македонските колеги ќе потврдиле дека таа можела да се лекува тука.

„Мислам дека бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното министерство за тоа, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, изјави Сашо Клековски – министер за здравство.

Во фокусот на јавноста се најде медицинскиот извештај на неврологот Иван Барбов, во кој тој препорачува лекување во странство на Ива Михајлова и предлага метод што не се применува во Македонија. Но, овој извештај не бил прифатен од судот. Барбов за дел од медиумите појасни дека кога го дал предлогот, не знаел дека против неа се води судска постапка. Михајлова имала само бугарско здравствено осигурување и овој факт влијаел да го даде мислење дека може да се лекува во Бугарија.

„Јас само лекувам пациенти, не сум пуштил никого да избега.“ – напиша Барбов на социјалните мрежи.

Против Михајлова се води судски процес во Кочани. Во текот на постапката таа се жалеше на дискриминација и тврдеше дека не и било дозволено да се лекува во Бугарија.

 

Андријана Ѓурческа