МВР проверува како Михаилова ја напуштила земјава и дали поминала преку легален граничен премин
МВР сè уште нема добиено информација дека Ива Михаилова е пронајдена по меѓународната потерница, откако кочанскиот суд и определи 30-дневен притвор. Oдделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, преземаат соодветни активности за утврдување како Михаилова заминала од Македонија. Oд правда чекаат официјално известување од МВР за Михаилова за да може да почне постапката за екстрадиција. Продолжуваат и меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата.

МВР сè уште истражува како Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, за која е распишана меѓународна потерница и ѝ е определен 30-дневен притвор, заминала од Македонија и дали поминала на легален граничен премин. Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, преземаат соодветни активности за утврдување на околностите.
Од Правда чекаат официјално известување од МВР дали Михаилова е уапсена или лоцирана во друга држава, за да може да почне постапката за екстрадиција. Сепак, тоа не значи дека бугарските власти се должни автоматски да ја уапсат и да ја предадат на македонските институции, бидејќи според законот, бугарски државјани не се екстрадираат. На политичката сцена продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ со директно прашање до Филипче, дали е точно дека заедно со Заев, им ветиле на блиски соработници на Румен Радев, дека можат да изготват медицински извештај за Михаилова оти нејзиното натамошно лекување нема да може да се спроведува во Македонија, туку во соседна Бугарија.
Зад грбот на народот, „под радарот“, се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ, велат од опозициската партија.
Веќе е јасно дека Ива Михаилова е бегалец од земјава. Виновниците, ако ги има, треба да одговараат, став на движењето ЗНАМ.
За да се спречат вакви случаи, министерот за внатрешни Тошковски вели дека можеби треба да се размисли и за промени во мерките на претпазливост за оние со двојно европско државјанство, па освен пасоши, да им се одземаат и личните карти.
Милчо Велески
