Хутите ги засилуваат нападите врз Саудиска Арабија
Се интензивираат нападите на Хутите врз цели во Саудсика Арбија. На удар аеродромот во Ријад и нафтен објект. Проиранската група предупреди дека воените дејствија ќе продолжат. Американскиот претседател ги обвини бунтовниците дека сакаат да ги зголемат цените на енергијата пред американските избори.

Хутите повторно го нападнаа аеродромот во Ријад и нафтен објект на „Арамко“. Од остатоци од пресретнатите ракети има повредени, меѓу нив и деца. Саудиската коалиција возврати со удари врз енергетски цели во Јемен.
„Целта е обновување на државните институции и ставање крај на владеењето на Хутите.“, изјави Рашад ал-Алими – претседател на Советот за претседателско лидерство на Јемен.
Проиранската група предупреди дека последиците ќе бидат многу сериозни, а нападите ќе ги продолжат длабоко во Саудиска Арабија во наредните денови, со таргетирање на аеродроми и нафтени постројки. Меѓу другото, групата побара глобалните превозни компании, како и граѓаните и работниците на саудиските аеродроми и компании, да се држат настрана и да се евакуираат, бидејќи би станале легитимни цели.
„Операциите ќе продолжат во наредните денови, насочени кон непријателските аеродроми и нафтени постројки на Саудиска Арабија“, изјави Јахја Сари – портпарол на Хутите.
Американскиот претседател ги обвини бунтовниците дека сакаат да ги зголемат цените на енергијата пред американските избори. Доналд Трамп им рече на новинарите дека можеби ќе побара од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да интервенира во поддршка на интересите на Саудиска Арабија.
„Тие се однесуваат многу лошо. Кога би ви кажал дека сум донел одлука, тоа не би било добро. Хутите постапија многу лошо.“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Хутите, поддржани од Иран, од 2014 година водат граѓанска војна против јеменската влада, поддржана од Саудиска Арабија, но конфликтот ескалираше откако САД почнаа војна против Иран. Хутите неодамна ги засилија нападите врз комерцијални бродови во Црвено Море и стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб.
Маријана Димовска
