Во штипската болница отворен мултидисциплинарен кабинет за дојка за побрз и поквалитетен одговор за пациентките
Клековски: Во Клиничка болница Штип отворен мултидисциплинарен кабинет за дојка за побрз и поквалитетен одговор за пациентките...

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска го посети мултидисциплинарниот кабинет за дојка во рамки на Клиничката болница – Штип.
Клековски при посетата рече дека речиси илјада жени годишно заболуваат од оваа болест.
„Во месецот во кој се обидуваме да ја подигнеме свесноста за борба против ракот на дојката, еден од најчестите канцери, речиси илјада жени годишно добиваат рак на дојка и тоа претставува значаен здравствен проблем за жените и за општеството. Меѓутоа, тука сум да ги видам и новите услуги кои се воведени во клиничката болница, новата лабораторија, новиот сет на услуги, а веќе наредната недела ќе најавиме и нови услуги на одделот за неврологија. Целта ни е на таа нова зграда што ќе се гради да почнеме да ѝ даваме содржина бидејќи здравството не го чинат зградите, го чинат луѓето и нивната работа“, истакна Клековски.
Целта на мултидисциплинарниот кабинет за дојка е подобра координација меѓу специјалистите, за побрз и поквалитетен одговор на потребите на пациентките со болести на дојката.
За овој месец е предвидено да се направат дополнителни 180 мамографии за време на викендите — за пократка листа и пократко чекање.
Во Клиничката болница Штип се очекува и нов, современ мамограф — за поквалитетна услуга за пациентките од источниот дел на земјата.
