Се интензивира изградбата на Маркарт, првите 100 работници ќе се регрутираат утре!

03.10.2014 16:37

Изградбата на фабриката на германски Маркарт во индустриската зона Караслари се интензивира, менаџментот ги започна вработувањата на првите 100 лица. Велес, за прв пат по 24 години чуствува директен економски бенефит...

Се издигнува фабриката на Маркарт во индустриската зона Караслари. Работниците работат со забрзано темпо. За да се заврши градбата до крајот на оваа година интензивно се користи секој сончев ден.

„Локалните компании кои учествуваат во изградбата на објектот на фабриката Маркарт  веќе имаат сигурна работа и можност за зголемување на бројот на вработените“, рече Виолета Галева, економист.

Фабриката во која ќе се произведуваат делови за автомобили ќе се простира на површина од 14 илјади метри квадратни. Бројот на вработени е проектиран на 600. Првите сто ќе се одбираат утре на „Отворениот ден“.

Со задоволство ги очекуваме сите заинтересирани лица кои ќе дојдат и ќе донесат кратки биографии на 4 октомври 2014 година во Велес. Инженери, квалификувани работници, почетници, но и необучени работници или моментално невработени кандидати се добредојдени“, рече Волфганг Аихер, генералниот директор на фабриката на „Маркарт“ во Велес.

Според објавениот оглас Маркарт бара високо едуцирани кадри од областа на ИТ технологијата , ги има ли Велес?

„Нивните истражувања токму тоа и го покажаа, дека Велес може да ги задоволи  најголем дел од потребите“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Македонија е 11-та земја во која се шири бизнисот на семејството Маркарт. Со годишен обрт од 700 милиони евра компанијата која има фабрики во 13 земји спаѓа во групата на брзо растечки.

Маркарт од оваа фабрика првиот извоз ќе го направи наредната година. Според планот во следните пет години во државната каса по основ на нето додадена вредност треба да се влезат околу 150 милиони евра.

Во Караслари, 80 проценти од производството ќе биде наменето за автомобилската индустрија, а 20 за домаќинството.

 

Дијана Иванова