Слепите лица „невидливи“ за општеството
Слепите лица во Битола се чувствуваат дискриминирано, велат дека се невидливи за општеството, а бело стапче нема каде да се купи во Македонија, недостигаат учебници на „Браево писмо“, а личните асистенти ги напуштаат поради нерешен статус.

Слепите лица во општеството сме како невидливи за системот. Инфраструктурата е недоволно адаптирана, Браево писмо за основно информирање ретко каде има. При болничко лекување не смееме да имаме придружба. Млади слепи лица многу ретко наоѓаат работа и водат сиромашен живот, објаснуваат Весна и Зоран, брачен пар којшто три децении живее без светлина во денот, но животот го доживуваат со посебен жар.
Потполно слепите лица сметаат дека е сосема непотребно секоја година да излагаат пред комисија за остварување право за туѓа нега.
Основното училиште „Свети Климент Охридски“ во градов е единственото кое поседува учебници на Браево писмо.
Се одржа и традиционалниот марш по „Широк сокак“ во знак на поддршка, подигнување на свеста и за подобрување на квалитетот на живот на слепите лица.
Весна сменила дури шест лични асистенти бидејќи немаат ниту здравствено осигурување ниту стаж, па истите си заминуваат, раскажува. Апелираат до институциите и за изнаоѓање на брзо решение за нивно трајно вработување бидејќи како што велат, тие се нивните „очи“.
Ружица Аџикотарева-Ѓоршевска
