Сцена

Почнува 45. Скопски џез фестивал – четири вечери со музичари од 13 земји

15.10.2026 09:46

Од денеска до 18 октомври, Скопје ќе биде домаќин на 45. издание на Скопскиот џез фестивал, со програма што ги обединува современиот џез, импровизираната музика и експерименталните звучни изрази. На четири фестивалски вечери ќе настапат музичари од 13 земји, а програмата ќе биде дополнета со музички документарни филмови и едукативна работилница за деца.

Со настапи на реномирани меѓународни музичари и проекти што ги поместуваат границите на џезот, од денеска до 18 октомври ќе се одржува 45. Скопски џез фестивал. Годинашното издание го продолжува препознатливиот концепт на фестивалот, насочен кон современите и експерименталните музички правци.

Фестивалот започнува вечерва во 20 часот во Националната опера и балет, со настапот на словенечкиот состав Zlatko Kaučič Kombo BC и проектот „Bravery of the Brave“. Во 22 часот ќе настапи меѓународниот состав Leonhard Skorupa New Quispel Octet, со музичари од Австрија, Германија, САД и Северна Македонија.

Првата вечер ќе заврши на полноќ, на Малата сцена во Националната опера и балет, со концертот на италијанскиот вибрафонист Пасквале Мира и американскиот перкусионист Хамид Дрејк, кои ќе го претстават проектот „Lahsa“. Новина годинава е што сите полноќни концерти ќе се одржуваат на специјално подготвената Мала сцена.

Вториот фестивалски ден, на 16 октомври, е посветен на програмата „Punkt International“. На сцената ќе настапат норвешките музичари Ејвинд Орсет и Јан Банг со проектот „Dream Logic“, а потоа и исландските уметници Скули Сверисон и Олоф Арналдс. Полноќниот термин е резервиран за „Punkt Live Remix“, со Ерик Оноре и Јан Банг.

На 17 октомври, програмата започнува со настапот на домашниот Андреа Мирческа Квинтет, по што следува концертот на јужноафриканскиот музичар Ндуџузо Макатини. Вечерта ќе заврши со проектот „Musho“, на британскиот музичар Александар Хокинс и шведската уметница Софија Јернберг.

Последната фестивалска вечер, на 18 октомври, ќе ја отворат американско-бразилскиот состав São Paulo Underground, а фестивалот ќе биде затворен со концертот на францускиот Vincent Peirani Quintet – Living Being.

Скопскиот џез фестивал низ годините изгради меѓународна репутација со програмска ориентација кон современиот џез, импровизацијата и новите музички експерименти. Визуелниот идентитет на годинашното издание е дело на ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.