Случај Михаилова

Бугарија го одбива барањето за екстрадиција на Ива Михаилова

15.10.2026 11:15

По распишувањето меѓународна потерница по Ива Михаилова, македонските институции сè уште ги утврдуваат околностите под кои таа заминала од државата. Бугарските власти го оцениле барањето за екстрадиција како неприфатливо, додека во земјава продолжуваат политичките обвинувања за случајот.

Бугарските власти сè уште не преземаат никакви мерки за да утврдат каде се наоѓа Ива Михаилова на територијата на земјата, откако македонското МВР побара нејзина меѓународна потрага со цел апсење и екстрадиција.

Нивниот одговор е дека барањето за екстрадиција е неприфатливо, бидејќи според Уставот не се екстрадираат бугарски државјани во земји кои не се членки на Европската Унија.

Македонското МВР сè уште истражува како Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, за која е распишана меѓународна потерница и ѝ е определен 30-дневен притвор, заминала од државава и дали поминала на легален граничен премин.

Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, преземаат соодветни активности за утврдување на околностите.

„Министерството за внатрешни работи нема добиено информација дека лицето е пронајдено по меѓународната потерница издадена од македонското МВР. Барање за екстрадиција се доставува преку Министерството за правда“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Од правда, пак, чекаат официјално известување од МВР дали Михаилова е уапсена или лоцирана во друга држава, за да може да почне постапката за екстрадиција.

Според бугарските медиуми, одбраната на Михаилова веќе подготвила и поднела барање до шест институции од кои зависи текот на постапката. Се најавува дека Михаилова ќе поднесе и приватна тужба против мерката притвор што ѝ ја одреди кочанскиот суд.

На домашната политичка сцена продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опозицијата. Според СДСМ, случајот со Ива Михаилова е уште еден во низата скандали за кои треба да има одговорност. Побараа оставка од министерот за внатрешни Тошковски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара истрага за ексдиректорот на неврологија Иван Барбов, кој, како што велат, дал препорака за лекување во Бугарија.

Министерот за здравство Клековски, вели дека здравствен случај нема и дека токму поради тоа Михаилова избегала пред да дојде бугарски лекарски конзилиум во земјава.

Милчо Велески