Образование: Со работни групи ќе се разгледуваат синдикалните барања
Адеми најави неколку новини во високото образование. Се размислува да се воведе државен испит во втора и во четврта година за студиите на приватните и на државните универзитети...

СОНК и Министерството за образование ќе формираат одделни работни групи што ќе треба да ги разгледаат барањата на Синдикатот. Додека штрајкот е во мирување, на вчерашната средба Aдеми и Неделков ги договориле следниве чекори.
„Во меѓувреме во понеделник или вторник доколку добиеме конкретни предлози од СОНК за составот на работните групи, следната недела ќе продолжат работните групи да работат за сите точки“, изјави министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.
Адеми најави неколку новини во високото образование. Се размислува да се воведе државен испит во втора и во четврта година за студиите на приватните и на државните универзитети. Ако не го положат, студентите нема да можат да продолжат на факултетот. И странските студенти ќе треба да полагаат приемен испит на универзитетите. Новите измени ќе треба да го проверат квалитетот на високото образование, но и на студентите, тврди Адеми.
„Сакаме на некој начин да вградиме механизми за следенење на квалитетот на високото образование, меѓутоа и механизми за да добијат дипломи оние кои заслужуваат“, нагласи Адеми.
Деновиве косовската амбасада реагирала до Министерството за грешката во еден од учебниците каде што знамето на Косово е заменето со грчко. Адеми рече дека ќе биде коригирано.
Викторија Тодоровска
