Јаневска: 1.778 образовни асистенти се ангажирани во основното и средното образование
Во основните и средните училишта оваа учебна година се ангажирани вкупно 1.778 образовни асистенти, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап. Најави и дополнително ангажирање стручни лица, подобрување на пристапноста во училиштата и поголема примена на асистивната технологија за унапредување на инклузивното образование.

Вкупно 1.602 образовни асистенти се ангажирани во основните училишта, а 176 во средното образование во тековната учебна година. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието.
Јаневска посочи дека е во тек постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица за образовна асистенција, како дел од активностите за унапредување на инклузивноста во воспитно-образовниот систем.
Меѓу мерките што ги спроведува Министерството се и зајакнувањето на стручните служби во училиштата, подобрувањето на пристапноста на училишните објекти со рампи и соодветни тоалети, како и воведувањето две нови категории студентски стипендии за студенти со попреченост и ретки болести.
Министерката информираше и дека Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од минатата година функционира како ресурсен центар. Во него работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и други стручни лица обучени за поддршка на учениците со посебни образовни потреби.
Според Јаневска, оваа учебна година во училиштето се запишани повеќе ученици отколку лани, што, како што рече, укажува на препознавањето на квалитетот на образовната работа и зголемената доверба на родителите.
Училиштето располага и со асистивна технологија што им овозможува на учениците полесно да учат и да стекнуваат поголема самостојност. Јаневска нагласи дека пристапот до современи технолошки решенија е важен за порамноправно учество на децата со попреченост во образованието и секојдневниот живот.
Таа посочи дека ограничените ресурси остануваат пречка за обезбедување подобри услови за квалитетна настава, но дека дел од предизвиците можат да се надминат со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу институциите и стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем.
Меѓународниот ден на белиот стап беше одбележан во Собранието, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и организацијата „Зета – организација за попреченост и правда“, во соработка со училиштето „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи.
