Продолжуваат руските напади низ Украина
Руските напади врз Украина продолжуваат, додека Киев предупредува дека ограничувањата на Старлинк ја отежнуваат работата на украинската војска. Претседателот Зеленски ја обвини американската администрација дека застанала на страната на Москва...

Русија продолжи со масовни напади низ Украина, погодувајќи ја енергетската инфраструктура и цивилните населби, зголемувајќи го бројот на жртви и повредени.
„Моите родители не се разбудија. И двајцата беа пробиени од шрапнели, поминале низ даските и душекот“, изјави Јарослав, жител на Новолександринка.
„Стаклата од прозорците целосно избија, сè се расфрли по станот, за среќа никој од нас не беше повреден“, изјави Љубов, жителка на Кропивницки.
Откако Киев најави дека повеќе нема да се воздржува од напади врз руската енергетика, украински дронови ја погодија рафинеријата во Рјазан, предизвикувајќи пожар. Во истовреме, Зеленски предупреди дека ограничувањата на Старлинк ја попречуваат украинската војска и изрази незадоволство кон Трамп за неговиот однос кон Москва. Сепак, повтори дека Киев останува подготвен за прекин на огнот.
„Секаков дијалог е подобар од нападите. Имаме масовни напади, што изгледа како продолжување на ескалацијата од руска страна. Имавме и тешкотии во односите, особено околу Старлинк и разузнавачките информации. На такви изненадувања не можете да сметате кога имате вистинско партнерство, а сепак, сметаме на партнерството со САД“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Трамп негираше дека САД ја прекинале разузнавачката соработка со Украина. Кремљ обвини дека Зеленски не сака мир.
„Украинскиот режим со седиште во Киев продолжува да извршува напади врз овие објекти, со што доаѓа во сериозен конфликт со мировните напори на САД“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, тензиите меѓу Вашингтон и Киев се прелеваат и врз односите со европските сојузници. Договорот Вашингтон – Москва за рускиот дизел доаѓа во време кога европските земји бараат начин да го ограничат финансирањето на руската војна.
„Треба да ја притиснеме Русија, а не Украина, да се предаде и да ја заврши војната. Во понеделникот повторно усвоивме 1.600 санкциски ставки и работиме на 22-от пакет. Ова е начинот да се изврши притисок врз Русија“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.
Конфликтот се чувствува и во Црното Море. Одново погоден брод, овојпат во водите на Романија, откако слични два инцидента со дронови регистрираше Бугарија.
„Не веруваме дека Украина би ги нападнала сопствените бродови и патнички бродови. Тоа нема никаква смисла. Резултатите од овој напад ѝ одат во прилог на Русија“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Зеленски утре пристигнува во Брисел, каде што ќе бара безбедносни гаранции и забрзана испорака на системи за противвоздушна одбрана.
Бојана Крстевски
