Финансии

Славески на средби со ММФ: Банкарскиот систем е стабилен, економијата покажува отпорност

15.10.2026 16:44

Македонската економија покажува отпорност на надворешните предизвици, а банкарскиот систем останува стабилен, со висока капитализираност и солидна ликвидност. Ова било истакнато на средбите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд во Бангкок, во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската банка.

Макроекономските движења и изгледи, инфлацијата, стабилноста на банкарскиот сектор и ризиците од глобалната економска неизвесност биле во фокусот на средбите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок, Тајланд.

На средбите, на кои присуствувала и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Славески разговарал со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор Јерун Клик и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај.

Во услови на продолжени геополитички превирања, била нагласена потребата од внимателно следење на надворешните ризици и нивното влијание врз домашната економија. Според оцените изнесени на средбите, македонската економија покажува отпорност, а стабилизацијата на инфлацијата создава поповолни услови за нејзино натамошно враќање кон проектираните нивоа.

Сепак, неизвесноста на светските пазари и домашните инфлациски притисоци бараат претпазливо водење и координација на макроекономските политики, како и одржување на стабилноста на девизниот пазар и соодветното ниво на девизните резерви.

Во однос на банкарскиот сектор, било истакнато дека тој останува стабилен и отпорен, со висока капитализираност, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио. Овие показатели, според оцените на средбите, ја потврдуваат способноста на банките да се справат со потенцијалните ризици и да продолжат да ја поддржуваат економската активност.

Делегацијата на Народната банка остварила средби и со претставници на одделите за статистика, правни работи и монетарни и капитални пазари на ММФ. Разговарано било за унапредување на соработката во областа на монетарната политика и статистиката, јакнење на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

Средбите се одржуваат во рамки на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка, кои годинава се одржуваат во Бангкок.