Ракомет

Дмитро Хориха ќе настапува за македонската ракометна репрезентација

15.10.2026 14:06

Ракометарот на унгарски ПИК Сегед, Дмитро Хориха, и официјално е на располагање на селекторот Кирил Лазаров, откако доби дозвола од Светската ракометна федерација да настапува за Македонија. Репрезентацијата се подготвува за квалификациските натпревари за Европското првенство во 2028 година против Луксембург и Грција.

Ракометната федерација на Македонија денеска официјално го претстави Дмитро Хориха како нов член на машката сениорска репрезентација. На прес-конференцијата присуствуваа претседателот на РФМ, Александар Стефанов, и селекторот Кирил Лазаров.

Стефанов очекува Хориха да придонесе за квалитетот на националниот тим и за подобри резултати во иднина.

„Добиваме ракометар што ќе даде тежина и голем придонес. Тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет“, изјави Стефанов.

Селекторот Кирил Лазаров го истакна неговиот шут од далечина, играта во двата правца и победничкиот карактер.

„Се работи за играч кој има шут однадвор, кој е играч во два правца, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави сè за неговиот тим да победи“, рече Лазаров.

Македонската репрезентација со амбиции го очекува почетокот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година, со натпреварите против Луксембург и Грција. Списокот на повикани ракометари, според најавата на селекторот, ќе биде објавен на почетокот на следната седмица.