Атентатот на Глигоров- вечна мисија

03.10.2014 17:10

Теориите за бугарскиот, српскиот и чешкиот заговор не се докажаа. Самиот Глигоров еднаш изјави дека добивал закани, а тоа го потврди и неговиот син, кој напиша дека татко му сакал да се спогоди со атентаторите...

Атентатот на првиот претседател Киро Глигоров и по 19 години без епилог. Ни нарачателот, ни извршителот не и се познати на полицијата. Нема нови докази. Се поизвесно е дека неуспешниот обид за ликвидација ќе остане уште една нерасчитена мистерија.

„За жал истрагата која тогаш веднаш после атентатот беше водена, беше водена катастрофално, имаше огромни пропусти. 19 години после атентатот, нереално е да се очекуваат какви било позитивни поместувања во однос на крајниот исход“, вели Иво Котевски, помошник министер за однсои со јавноста во МВР.

Теориите за бугарскиот, српскиот и чешкиот заговор не се докажаа. Самиот Глигоров еднаш изјави дека добивал закани, а тоа го потврди и неговиот син, кој напиша дека татко му сакал да се спогоди со атентаторите.

20 килограми експлозив сокриени во автомобил цитроен експлодираа во мигот кога претседателскиот мерцедес помина на клучната точка кај хотелот Бристол, на локацијата каде што се градо оваа зграда зад мене. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди на главата.

Нападот на шефот на државата беше кобен за неговиот возач Александар Спировски и за еден случаен минувач.

Полицијата ги бараше извршителите меѓу 200 илјади граѓани кои беа претресени или легитимирани. До темел се истражија 15.000 куќи и станови, но без резултат. Претседателот Глигоров  никогаш не дозна кој сакаше да му го одземе животот. Почина на 1 јануари 2012-та на 94 години.

 

Анита Димитријевска