Објавена е „ИНА“

Весна Мојсова-Чепишевска со прва книга за деца

16.10.2026 10:27

Книгата носи нова хероина во македонската книжевност за деца и необична покана до најмладите: по средбата со Ина, самите да го продолжат нејзиниот дневник.

„Светулка“ ја објави „ИНА“, првата книга за деца од Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка НиБа. Книгата носи нова хероина во македонската книжевност за деца и необична покана до најмладите: по средбата со Ина, самите да го продолжат нејзиниот дневник.

Со страници за пишување, цртање и колаж, „ИНА“ им го предава зборот и на своите читатели. Нивните мисли, чувства и доживувања добиваат место меѓу кориците. Секој примерок може да стане поинаков, со личниот печат на детето што го чита. Токму спојот на книжевната приказна, илустрацијата и читателското учество е една од најпривлечните особености на изданието.

За Иван Антоновски, авторот на критичкиот осврт, „ИНА“ е „книгата што ни недостигаше“. Нејзината вредност ја препознава во убедливиот детски глас, внимателно осмислената композиција и моќта на приказната да нè приближи до искуството на другиот. Книга во која децата можат да најдат другарка, а возрасните повод повнимателно да го слушнат она што децата им го кажуваат.

Ина сама нè воведува во својот свет. Има прашања што ја мачат, желби што ја движат и фантазија што им дава неочекувана смисла на секојдневните нешта. Нејзината прва училишна недела станува книжевна средба со радоста, несигурноста, семејната блискост и храброста да се биде свој. Мојсова-Чепишевска ја гради таа средба со топлина и хумор, оставајќи им на читателите самите да ја откриваат Ина.

За авторката на „Клуч во клучалката на детството“ и „Од Црвенкапа до Џинџуџе“, ова издание означува значаен творечки исчекор. Долгогодишната истражувачка и афирматорка на книжевноста за деца сега им се обраќа на најмладите со сопствена приказна, во која книжевното знаење се среќава со чувствителноста за детскиот свет.

Илустрациите на Иванка НиБа ја заокружуваат книгата со препознатлив визуелен израз. Меките линии, сините акценти и внимателно обликуваниот простор на страниците го следат раскажувањето и ги продлабочуваат неговите емоции. Зборот и сликата создаваат издание што повикува на читање, разгледување и повторно навраќање.

„Јас сакам да раскажувам приказни. Тие прават болката да си оди“, вели Ина. Со таа доверба во моќта на раскажувањето, новата книга на Мојсова-Чепишевска им се обраќа на децата и на возрасните што читаат со нив.

Книгата првпат ќе им биде достапна на читателите на промоцијата следната недела.