Јубилеен 10. Џез фестивал во знак на Филип Стевановски
Џез фестивал Куманово одбележува десет години постоење. Јубилеј исполнет со музика, емоции и спомени, посветен на прерано починатиот музичар Филип Стевановски. Покрај музичката програма, фестивалот има и хуманитарна димензија, за поддршка на семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„10 години звук, 10 години емоции“, е мотото на јубилејното издание на џез фестивал Куманово, кој како и лани го носи името на музичарот Филип Стевановски, кој загина во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На трите фестивалски вечери настапија шест музичари од земјава и странство. Понудија различни, современи стилови и правци во џез музиката. Во изминативе десет години џез фестивал Куманово, прерасна во препознатлива културна манифестација, која придонесува за афирмација на овој вид музика, но и промоција на уметниците.
„Фестивалот е меѓународен, но можеме да кажеме дека е интернационален од причина што имавме и артисти кои доаѓаат и надвор од границите на Европа и денес имаме еден артист од Нов Зеланд. Да продолжиме со некое непречено темпо и понатаму во развојот на џез музиката во Куманово, таа музичка енергија која џез ритамот ја дава, моќта на импровизацијата којашто е составен дел на џез музиката, сето она што е карактеристично за еден џез музички настан“-нагласи уметничкиот директор на фестивалот, Марјан Стевановски.
Музиката ќе биде начин да се зачува споменот на Филип. Но покрај музичката програма, настанот има и хуманитарен карактер. Собраните средства од донациите, ќе се наменат за семејствата на загинатите во Кочани.
„Филип беше еден од извонредните музичари. Тој беше, не дека ми е син, но беше еден од светски џез музичари, извонредно свиреше на тромбон, пијано, беше учесник на сите светски џез фестивали. Преку џез фестивалот и сите овие активности кои ги преземаме со цел неговото име да не биде заборавено и неговото музичко дело затоа што тој беше и композитори, аранжер, текстописец, музичар, едноставно беше сè“-дополни Стевановски.
Јубилејот е потврда за деценија исполнета со музика, уметност и емоции. Традиционално фестивалот се одржа со поддршка на Министерството за култура и Општина Куманово.
Елена Георгиевска
