Одбележан Денот на Командата за операции
Со свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово беше одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и армискиот врв ја истакнаа улогата на припадниците во одбраната на државата и придонесот кон колективната безбедност во НАТО. На свеченоста беа доделени признанија и прогласена најдобрата единица.

Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово беше одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции. На настанот присуствуваа претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и претставници на Армијата, Министерството за одбрана, воено-дипломатскиот кор и локалната самоуправа.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека членството во НАТО е стратешка определба на државата, но и обврска за почитување на принципите на колективната одбрана и солидарноста. Таа оцени дека со исполнувањето на преземените обврски, обученоста и учеството во заедничките активности, македонската Армија покажува дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник.
Сиљановска-Давкова ја нагласи и важноста на Командата за операции во одбранбениот систем, посочувајќи дека оперативната способност не зависи само од бројноста и опремата, туку и од знаењето, дисциплината, правилната проценка и подготвеноста за дејствување.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека припадниците на Командата за операции имаат значаен придонес во безбедноста на државата, особено при справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби. Тој го посочи и нивното учество во мултинационалните сили и операции на НАТО, со кое придонесуваат кон зајакнување на колективната безбедност.
Мисајловски нагласи дека Министерството за одбрана и Генералштабот продолжуваат со активностите за подобрување на условите за работа, вложување во човечките ресурси и модернизација на армиските капацитети.
Командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, се осврна на реализираните задачи во изминатиот период, издвојувајќи ја вежбата „БЛЕСОК 26“, на која успешно била оценета Лесната пешадиска баталјонска група.
Тој ја истакна и модернизацијата на Армијата, вклучително и опремувањето со лесни оклопни возила JLTV и „Страјкер“, новите хаубици од 105 милиметри „БОРАН“ и ракетните системи „МИСТРАЛ“. Командата за операции годинава беше одликувана со Орден за воени заслуги од претседателката и врховен командант на Армијата.
Во рамките на свеченоста, за најдобра единица беше прогласен Вториот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада. На припадници на Командата им беа доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати, а признанија добија и единици, институции и поединци за соработката и придонесот кон Армијата. Признанија им беа врачени и на припадници кои ги исполниле условите за пензионирање.
Денот на Командата за операции традиционално се одбележува на 17 октомври во чест на историскиот настан од 1878 година, кога во селото Кресна бил формиран штабот на Кресненското востание, кој се смета за еден од столбовите на македонските воени традиции.
