Одбрана

Сиљановска-Давкова: Командата за операции е еден од столбовите на одбранбениот систем

16.10.2026 19:01

Постојаното унапредување на одбранбените капацитети, високата оперативна подготвеност и усогласувањето со стандардите на НАТО се клучни за безбедноста на државата, истакна претседателката и врховна командантка Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на Денот на Командата за операции во Куманово. Таа им оддаде признание на припадниците на Армијата за професионалноста и придонесот во справувањето со кризни состојби.

Командата за операции има клучна улога во одбраната на државата, а нејзината оперативна подготвеност се темели на знаење, дисциплина и способност за навремено и ефикасно дејствување. Ова го истакна претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, во обраќањето на одбележувањето на 17 Октомври – Денот на Командата за операции, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

Осврнувајќи се на современите безбедносни предизвици, Сиљановска-Давкова ја нагласи потребата од постојано унапредување на одбранбените капацитети и одржување високо ниво на подготвеност на Армијата.

Таа посочи дека членството во НАТО, усогласувањето со стандардите на Алијансата и учеството во заедничките активности се потврда за македонската Армија како кредибилен и доверлив сојузник. Според неа, јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото треба да бидат принципи и во процесот на европската интеграција.

Претседателката ја истакна и улогата на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, како и нивниот придонес во заштитата на граѓаните.

Доделеното одликување „Орден за воени заслуги“, посочи таа, претставува признание за унапредувањето на армиските капацитети и зајакнувањето на борбената готовност.

Сиљановска-Давкова им оддаде признание на припадниците на Армијата за нивната професионалност, посветеност и подготвеност за исполнување на задачите, изразувајќи очекување дека и натаму ќе ги надградуваат своите способности и ќе ја оправдуваат довербата на граѓаните.