Модифицирани правила

16.10.2026 14:26

Проширувањето на ЕУ геостратешка инвестиција, земјите кандидати повикани да продолжат со реформите – заклучоци од Совет на ЕУ во Бриесел...

Проширувањето останува стратешка цел на Европската унија, но со модифицирани правила. Останува принципот на поединечна оценка за кандидатките според заслугите за исполнетите реформи, но за Црна Гора која е најблиску до членство се појавува билатерален проблем со Хрватска, која бара Подгорица да ги реши отворените прашања.

„Хрватска е поддржувач на проширувањето и се држи до принципот на заслуги за секоја кандидатка посебно. На наша иницијатива го изменивме заклучокот кој испрати силна порака до Црна Гора да ги продолжат разговорите со Хрватска за решавање на неколку отворени прашања од поглавјата 23 и 31 поврзани со темелните вредности и надворешната политика“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Европските лидери на Советот во Брисел, ги потврдиле патоказите за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Напредокот во пристапувањето за сите кандидатките останува ист.

„Имавме многу добра дискусија за проширувањето, особено за забрзување на пристапувањето за црна гора и отворање на останатите кластери поглавја со Украина и Молдавија. Имаше силна поддршка до крајот на годината да ги отвориме сите кластери со Украина и Молдавија“, изјави Мајкл Мартин, премиер на Ирска.

„Европа мора да се прошири. Тоа е нашата стратегија, но мора да имаме и правила што ќе бидат исти за сите кандидати. Нема кратки патеки, сите мора да ги адаптираат законите со европските. Јасна е пораката нема кратки патеки за никого, дури и за Украина“, истакна Андрис Кулбергс, премиер Латвија.

На 28-ми октомври Европската унија официјално ќе ги објави патоказите со временски рок за завршување на преговорите со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Македонија и Србија не се вклучени во овој пакет заради неисполнети услови. Европските лидери само го ставиле на знаење предлогот за гласање со квалифицирано мнозинство за преговарачкиот процес.

Ирина Гелевска