Терапијата за мултиплекс склероза ќе се прима во повеќе болници во земјава
Пациентите со мултиплекс склероза од другите градови повеќе нема да патуваат во Скопје за да примаат терапија. Лековите се достапни и во болниците во Штип, Охрид и во Градската општа болница „8 Септември“. Со новите протоколи за дисперзирани терапии се намалува притисокот врз Клиниката за неврологија во чии регистри се евидентирани околу две илјади лица со оваа дијагноза.

По повеќе години чекање и неизвесност, пациентите со мултиплекс склероза ќе имаат полесен пристап до неопходните лекови. Со новите протоколи дисперзирана терапијата ќе биде достапна и во ГОБ „8 Септември“, Клиничката болница во Штип и болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, велат надлежните. Со ваквиот пристап ќе се намали сегашниот притисок на Клиниката за неврологија.
На Клиниката за неврологија се водат околу две илјади пациенти со мултиплекс склероза, од кои 1.800 активно се лекуваат, а бројот на новодијагностицирани расте. Само во 2025 тие се 115.
Децентрализацијата опфаќа десет лекови поделени во две групи. Во првата, оние што пациентот сами ги применува, во втората, биолошките кои барата медицинска поддршка.
Буџетот за лекови за мултиплекс склероза годинава е 451 милион денари, а дополнителна надеж дава и фактот што буџетот за лекови во последните години е зголемен.
Во моментот, 835 пациенти од 48 општини терапијата ја подигаат од Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од главниот град.
Борис Грујоски
