Граѓаните генерално јадат безбедна храна, потребни се засилени контроли
Иако граѓаните генерално консумираат безбедна храна, ризици и натаму постојат, поради што се потребни засилени контроли. Од АХВ информираат дека во изминатите осум месеци уништиле 70 тони прехранбени производи, а најавуваат и построги казни за прекршителите.

Граѓаните генерално јадат безбедна храна, но секогаш постојат ризици – потребни се засилени контроли. Во изминатите осум месеци, на депонијата за уништување завршиле 70 тони прехранбени продукти, а од увоз вратени се 250 тони небезбедна храна.
Иако земјите од регионот ни го враќаат овошје и зеленчукот поради зголемено присуство на пестициди, од АХВ велат дека лабораториските анализи покажуваат негативни наоди.
„Упативме протестна нота од наша страна заедно со стопанските комори, затоа што нашите пратки кои имаат анализи, а тие се добри, со негативни наоди, малку е чудно зошто се враќаат назад. Секоја држава си го брани својот квалитет и својот производ“, изјави Оливер Миланов, директор на АХВ.
Покрај контролите, се најавува и двојно зголемување на казните за производителите и операторите со храна. Во подготовка е ново законско решение. Сега, казната за мал оператор за храна изнесува околу 2.000 евра. Но, доколку ја плати во рок од седум дена, се намалува за 50 отсто.
„При повторна контрола, доколку се утврди истиот недостаток, ние можеме и да го затвориме објектот. Кога ќе се затвори еден оператор за храна, кога тој ќе треба да ги плати вработените, а да нема производство, па нема продажба на производ, го нема извесно време на пазарот, тој секако дека многу повеќе губи, отколку самата казна“, изјави Светлана Колариќ – државен советник за храна.
Во меѓувреме, продолжуваат контролите на пазарите. За само еден ден АХВ заплениле два тона зеленчук и овошје, денеска три пати повеќе.
Андријана Ѓурческа
