Трамп го критикува Зеленски, Европа ја засилува поддршката за Киев
Тензиите меѓу Вашингтон и Киев се продлабочуваат откако Доналд Трамп оцени дека е потешко да се преговара со Зеленски отколку со Путин, оставајќи отворена можност за договор без украинскиот претседател. Од Кремљ ги поддржаа критиките, додека европските лидери најавија нов пакет санкции за Русија и дополнителна помош за Украина.

Тензиите меѓу Вашингтон и Киев се продлабочуваат. Трамп го нападна Зеленски, тврдејќи дека со него е потешко да се преговара отколку со Путин. Оди и чекор понатаму – не ја исклучува можноста за мировен договор без учество на украинскиот претседател, кого го обвинува дека не сака вистински преговори. Истовремено, критикувајќи го Киев за нападите врз руските рафинерии, тврдејќи дека придонесуваат за растот на светските цени на енергенсите.
„Мислам дека двајцата сакаат војната да заврши, но сметам дека е потешко да се работи со Зеленски отколку со Путин.Мислам дека на крајот, на еден или друг начин, ќе најдат решение. Но, тоа ќе биде без него, бидејќи тој не сака решение“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Москва поддршка за критиките на Трамп. Кремљ го обвини Зеленски дека не презема одговорност за мирот, но истовремено призна дека договор без актуелното украинско раководство е невозможен.
„Па, без оглед на тоа колку некој би сакал да разговара за што било без сегашното украинско раководство, тоа е невозможно. Но, јасно е дека Зеленски не сака да преземе одговорност и да се движи кон мирно решавање. И тука целосно се согласуваме со претседателот Трамп“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во Брисел, поинаква порака – Европа нема да попушти пред Москва. Европските лидери ја потврдија поддршката за Киев и најавија нов, 22-ри пакет санкции, обвинувајќи ја Русија дека не го почитува енергетското примирје.
„Сега не е време да се повлече поддршката за Украина, ниту да се ублажат санкциите кон Русија. Сега е време да ја зголемиме нашата поддршка и да го засилиме притисокот врз Русија“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет.
„Нема да укинеме никакви санкции додека Русија не ја запре војната. Го поддржавме енергетското примирје на претседателот Трамп, но видовме дека Русија не го почитуваше ниту една минута“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Зеленски благодарен за европската поддршка, но обвини дека Москва не покажува подготвеност за мир, затоа е потребно Киев да се подготви за зимата.
„Сакаме да ја завршиме оваа војна што е можно побрзо. Засега не гледаме сигнали од руската страна дека е подготвена за тоа. Затоа мора да се подготвиме за зимата. Тоа не значи само енергија, туку и воздушна одбрана и финансирање. Благодарен сум што Европската Унија е со нас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Европските лидери најавуваат дополнителна финансиска и воена помош за Украина, вклучително и за наредната година. Додека дипломатските напори за мир тапкаат во место, на терен продолжуваат меѓусебните напади, со нови жртви и повредени на двете страни.
Бојана Крстевски
