Повторно недостига терапија на Онкологија
Бројот на дијагностицирано со канцер во Македонија за 10 години се зголемил 16 проценти, 40 проценти од овие лица починале. Проблемот со недостаток на терапии се провлекува со години. Здравствените власти најавуваат ќе се менува постојниот модел на лекување, ќе има онколошка мрежа со единствени стандарди за третман и долгорочна контрола на пациентите со малигни заболувања.

„За првпат во историјата на Македонија, онколошката грижа на маса на највисоко ниво“, напишаа од Министерството за здравство по состанокот во Владата. Но, додека дебатирале надлежните, некои пациенти од Клиниката за онкологија си заминале без да добијат лек.
Додека здравствените власти информираат дека проблемите на онколошките пациенти се решаваат на највисоко ниво, на Клиниката за онкологија недостига лекот Золадекс. Директорот вели дека дистрибутерот доставува во мали количини и дека од понеделник овој лек би требало да го има на Клиниката за онкологија.
Проблемот со доставата никако да се реши, иако државата неколкукратно го зголеми буџетот за терапија на пациентите со канцер. Тие, пак, се враќаат без да го добијат лекот. Проблемите се провлекуваат, па на инцијатива на „Хема Онко“ се одржа состанок.
Министерот вели, ако некаде има направено подобрување, тоа е на обезбедувањето на терапија.
Децентрализацијата на терапијата е онаа што многу министри со години го најавуваат, но сè уште нема точен датум кога ќе се случи.
Наташа Јанчиќ-Менковски
