Локални избори

Брвеница пред избор на нов градоначалник - денеска гласаат болните и изнемоштените

17.10.2026 12:14

Брвеница утре избира нов градоначалник. На предвремените локални избори, распишани по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, во трка се шестмина кандидати. Денеска гласаат 88 болни и изнемоштени лица, а утре избирачкото право ќе можат да го остварат над 16 илјади запишани гласачи.

Жителите на Општина Брвеница утре ќе избираат нов градоначалник на предвремените локални избори. Денеска, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), своето избирачко право го остваруваат 88 болни и изнемоштени лица. За градоначалничката функција се натпреваруваат шестмина кандидати.

Предвремените локални избори во Брвеница се одржуваат по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст.

Во изборната трка учествуваат шестмина кандидати, од кои четворица се поддржани од политички блокови, а двајца настапуваат како независни кандидати.

Во изминатите месеци функцијата вршител на должноста градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.

Според податоците на ДИК, во Избирачкиот список во десетте населени места на Општина Брвеница се запишани вкупно 16.256 избирачи. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, додека деветмина се наоѓаат во затвор или притвор.

Избирачките места утре ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.

Денеска, еден ден пред изборите, гласаат 88 болни и изнемоштени лица, согласно со изборните процедури.