АХВ заплени и уништи еден тон пилешки желудници во месарници во Охрид и Струга

17.10.2026 12:20

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) запленија и уништија еден тон пилешки желудници при вонредни контроли во месарници во Охрид и Струга. Дополнително се уништени и 55 килограми месни подготовки во кои била употребена оваа суровина, чиј увоз и употреба во производството на храна за човечка исхрана се забранети.

Против две месарници кои не ја почитувале забраната се преземени соодветни прекршочни мерки, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ посочуваат дека вонредните инспекциски надзори се дел од засилените контроли за спречување на нелегалната трговија со овој вид храна, сузбивање на злоупотребите и заштита на здравјето на потрошувачите.

Агенцијата потсетува дека во јули 2024 година донела решение со кое се забранува увозот и употребата на пилешки желудници во производството на месни подготовки и производи наменети за човечка исхрана.

Одлуката била донесена по спроведена анализа на ризик, која укажала на потенцијални опасности по здравјето на луѓето, меѓу кои можна контаминација со патогени бактерии и вируси, како и присуство на токсини.

Дополнително, при претходните инспекциски контроли биле утврдени злоупотреби и измами на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии.

Од АХВ нагласуваат дека контролите ќе продолжат со цел да се спречи нелегалната употреба на забранетата суровина и да се обезбеди поголема безбедност на храната на пазарот.