МЕРМС: Со меѓународна поддршка до побрза енергетска обнова на јавните објекти

17.10.2026 12:24

Намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци и подобра енергетска ефикасност на јавните објекти се главните цели на соработката меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и меѓународните партнери. Во таа насока, Министерството ги интензивира активностите за спроведување на планот за енергетска обнова на зградите што ги користат државните институции.

Во рамките на подготовките за проектот PIONEER-MK, со поддршка на програмата PEEB Cool, во Министерството се одржа работна средба со претставници на Француската агенција за развој (AFD), Светската банка, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Кабинетот на претседателот на Владата.

На состанокот се разговараше за подобрување на координацијата и забрзување на активностите предвидени со Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите од јавниот сектор на државно ниво, за периодот од ноември 2025 до ноември 2028 година.

Од Министерството посочуваат дека енергетската обнова на јавните објекти претставува долгорочна инвестиција која треба да придонесе за намалување на трошоците за енергија, поефикасно користење на јавните средства и модернизација на јавната инфраструктура.

Посебен акцент е ставен на спроведувањето мерки за енергетска ефикасност, намалувањето на емисиите на стакленички гасови и усогласувањето на домашните политики со европските стандарди.

Од МЕРМС најавуваат продолжување и зајакнување на соработката со домашните институции и меѓународните партнери, со цел побрзо спроведување на реформите и исполнување на националните и европските цели за енергетска ефикасност и зелена транзиција.