Бугарија нема да ја екстрадира Ива Михаилова во Македонија

17.10.2026 19:47

Бугарија и официјално потврди дека нема да ја екстрадира Ива Михаилова, по која е распишана меѓународна потерница. Македонските истражни органи испитуваат како ја напуштила земјава.

Бугарија и официјално одговори: нема да ја екстрадира Ива Михаилова во земјава. Потврдата стигна од тамошниот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, кој вели дека официјалното барање стигнало до службите, но полицијата ниту ќе ја бара, ниту има намера да ја предаде.

Во гостување на поткаст, наместо македонски, властите во земјава ги нарече српски. Потоа се коригираше, но новата провокација стигна откако оцени дека не направил голема грешка.

Бугарија потврди дека Михаилова дошла во Софија да се лекува, но рече дека нема да споделува детали за случајот.

Македонските истражни органи истражуваат како 23-годишната се нашла на бугарско тло. Таа во понеделникот, во изјава за тамошните медиуми, тврдеше дека граничниот премин го поминала со лична карта, легално, но надлежните соопштија дека на ниту еден граничен премин не е евидентиран излез од земјава, ниту, пак, влез кај соседот.

По неа веќе е распишана меѓународна потерница, а судот во Кочани ѝ определи притвор во отсуство.

На Ива Михаилова ѝ се суди за предизвикување сообраќајна несреќа во која животот го загуби Бесим Дурмиши од Љуботен.

Анита Димитријевска-Велковска