Локални избори

Брвеница денеска избира нов градоначалник

18.10.2026 10:34

Жителите на Општина Брвеница денеска гласаат на предвремени локални избори за нов градоначалник, по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст.

Гласањето се спроведува во десет населени места во општината. Избирачките места се отворија во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.

Според Избирачкиот список, право на глас имаат 16.256 граѓани, од кои 449 се евидентирани како избирачи на привремена работа во странство, додека деветмина се наоѓаат во затвор или во притвор.

Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно, додека резултатите врз основа на записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) ќе бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на гласањето.

За избор на градоначалник во првиот круг потребно е кандидатот да освои мнозинство од гласовите на избирачите што гласале, при што на гласање треба да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи. Доколку не биде исполнет условот за излезност, изборната постапка се повторува.

По смртта на Илиевски, функцијата вршител на должноста градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.