Здравство

Наглите временски промени го зголемија бројот на пациенти во Ургентниот центар во Куманово

18.10.2026 13:10

Променливото време донесе зголемен број пациенти со симптоми на респираторни инфекции. Во кумановската болница деновиве сè повеќе граѓани бараат лекарска помош поради кашлица, кивање и покачена телесна температура. Најизложени на ризик се хронично болните лица. Лекарите советуваат како да се заштити здравјето.

Наглите временски промени, од исклучително топли до студени денови, предизвикуваат здравствени тегоби кај граѓаните. Од Ургентниот центар во кумановската болница информираат дека е зголемен бројот на пациенти кои бараат лекарска помош. Најчести се респираторните симптоми, како кивање, кашлање и течење на носот, проследени со покачена телесна температура.

„Нема одредена категорија која е погодена, сите имаат симптоми, но најризични се повозрасните лица и децата, како и пациентите со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања. Кај лицата со астма и хронична опструктивна белодробна болест можни се компликации, вклучително и дополнителни инфекции на долните дишни патишта, кои значително влијаат врз здравјето на пациентите“, нагласи д-р Дарко Каранфиловски од Ургентниот центар во Куманово.

Граѓаните потврдуваат дека ги чувствуваат временските промени. Се жалат на различни здравствени тегоби, а дел од нив превентивно користат витамини и внимаваат на исхраната.

„На овие години, нормално е дека мора да пиеме лекови. Инаку, најмногу користам магнезиум, за циркулација“, вели еден граѓанин.

„Земаме витамини, јадеме доволно овошје. Имам срцево заболување и ја чувствувам промената на времето“, дополнува друг граѓанин.

„На телото се чувствува студот. Користам витамини, а најмногу мед и лимон“, истакнува трет граѓанин.

Лекарите препорачуваат редовен сон, физичка активност и разновидна исхрана. Вакцинацијата против сезонски грип е особено важна за ризичните категории граѓани. Витамините и минералите треба да се внесуваат според индивидуалните потреби и по совет од стручно лице. Антибиотиците не треба да се земаат на своја рака, без лекарски преглед и препорака.

Елена Георгиевска