Насилни протести во Тирана
Стотици приведени и повредени во насилните протести во албанската престолнина. Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, а полицијата интервенираше со солзавец и водени топови.

Вкупно 167 лица се уапсени, а 132 полицајци се повредени во протестите што синоќа избувнаа пред канцеларијата на албанскиот премиер во Тирана. Насилството ескалираше откако студенти и средношколци се приклучија на протестите на движењето „Фламинго“ против изградбата на луксузен туристички центар поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Демонстрантите, кои бараат оставка од премиерот Еди Рама, фрлале камења, молотови коктели, сигнални ракети и пиротехнички средства кон полицијата, која возвратила со солзавец, водени топови и палки.
Рама, кој е на власт од 2013 година и го извршува четвртиот мандат, ја отфрли можноста за оставка и ги обвини своите конзервативни противници за поттикнување на судирите.
