Животна средина

Потребна е формална заштита на блатните системи во Охридскиот регион

18.10.2026 20:03

Студенчишкото и Белчишкото Блато чекаат формална заштита. За Студенчишкото, чие зачувување е една од препораките на УНЕСКО, се најавува и долгорочна ревитализација, додека за Белчишкото годинава е отворена постапка за прогласување парк на природата. Еколозите бараат заштитата да се преточи во конкретни мерки за зачувување на овие значајни влажни живеалишта.

Студенчишкото Блато сè уште чека законска заштита. Како природен филтер на Охридското Езеро, блатото го намалува загадувањето, го регулира водниот режим и е живеалиште на бројни растителни и животински видови.

Потребна е долгорочна ревитализација. Прв чекор е отстранување на шутот, обновување на екосистемите и повторно поврзување со езерото.

„Засега, краткорочната цел ни е да обезбедиме негова формална заштита како заштитено подрачје. Потоа треба буквално да се отстрани целиот шут, да се обноват природните екосистеми и повторно да се поврзе со езерото. Станува збор за цел процес на реставрација на блатото“, изјави Методија Велевски од Македонското еколошко друштво.

Во соседна Дебрца започната е постапката за прогласување на Белчишкото Блато, познато и како Сини Вирој, за парк на природата. Станува збор за едно од ретките зачувани блатни подрачја во земјава, со богата биолошка разновидност.

„Во процес е и заштитата на Белчишкото Блато. Се надеваме дека тоа формално ќе се реализира, односно дека наскоро ќе биде донесен соодветниот закон. Во фокусот сега ни е Студенчишкото Блато, каде што веќе имаме воспоставено добра соработка со Општина Охрид. Студенчишкото Блато е поврзано со Охридското Езеро и претставува еден вид заштитна зона, која го спречува загадувањето на езерото и ја подобрува хидролошката состојба“, вели Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.

Студенчишкото Блато е важен дел од охридскиот екосистем. УНЕСКО со години бара унапредување на неговата заштита, а во одлуката годинава повторно препорача забрзување на постапката за прогласување парк на природата.

Соња Рилковска