МВР: Лишени од слобода 25 возачи за „безобѕирно управување возило“
Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници на различни локации низ државата лишиле од слобода 25 возачи поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, 12 лица управувале возило без положен возачки испит, 11 возеле под дејство на алкохол, додека двајца управувале моторно возило и покрај изречена забрана за управување.
Меѓу лицата затекнати како возат без положен возачки испит се осум лица од Скопје, од кои двајца малолетници на возраст од 16 и 17 години, како и лица од Ново Село, Орланци, Бојане и еден малолетник од Кочани.
Под дејство на алкохол биле затекнати возачи од Скопје, Радовиш, Штип, Прилеп, Неготино, Гевгелија и гевгелиското село Негорци.
Во Делчево и Битола биле приведени двајца возачи кои управувале возила за време на изречена забрана за управување со моторно возило.
По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без положен возачки испит, под дејство на алкохол или за време на изречена забрана за управување.
Почитувањето на сообраќајните правила е од суштинско значење за поголема безбедност на патиштата, порачуваат од Министерството.
